Jump to Navigation

Регионална работилница

На ден 10 и 11.12.2015 година се одржа Првата регионална работилница на тема “Предизвици во процесот на акредитација” во Скопје, во организација на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи на Република Македонија.

Работилницата беше фокусирана пред сé на презентирање на процесот на акредитација на земјите учеснички и на дискусија на теми кои се однесуваат на процесот на акредитација со присутните претставници од земјите учеснички.

Работилницата започна со регистрација на учесниците на работилницата. На работилницата свој придонес дадоа дел од поканетите гости, како претставници од земјата, така и претставници од странство: Sebastien Audette, Извршен Директор на Accreditation Canada International, Katarina Tarasova, Раководител на сектор во Accreditation Canada International, Ivan Svajger, Директор на Хрватската Агенција, Carmen Hadric – Kostrencic, виш соработник во Хрватската Агенција, Mirela Cela, Директор на National Centre of quality, safety and accreditation of health institutions во Албанија, Vilma Qatipi, претставник од Националниот Центар од Албанија, Ahmed Novo, Директор на Агенцијата во Босна и Херцеговина, Sinisa Stevic, Директор на Агенцијата во Р. Српска, Ivana Kovacevic – Bulatovic, од Црна Гора.

На работилницата беа присутни и вработените од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во  Македонија, првата група на надворешни оценувачи и бројни претставници од земјата: Nasuf Ipcija, Државен секретар од Министерството за здравство, Никола Јанкуловски, Декан на Медицинскиот Факултет, Александар Митов, советник на премиерот, Проф. Д-р Кочо Чакаларовски, Претседател на Лекарската комора на Македонија, Горан Димитров, Претседател на Македонското Лекарско Друштво, претставници од Агенцијата за лекови, претставник од УНФПА, Снежана Бојчин, претставник од Здружението на пациенти и останати претставници од различни институции.

Обуката започна со обраќање од страна на Nasuf Ipcija, Државен секретар од Министерството за здравство, кој ги поздрави присутните и го поддржа одржувањето на еден ваков настан кој што е од значење за квалитетот на здравствената заштита. Обраќање имаше и Проф. д-р Никола Јанкуловски, Декан на Медицинскиот факултет во Скопје, кој истакна дека соработката помеѓу Медицинскиот Факултет и Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи на РМ има за цел да се постигне максимум како во едукацијата на надворешните оценувачи, така и за да се добијат високо стандардизирани параметри во функционирањето на здравствените установи. Тоа ќе овозможи промени кои ќе се прават во имплементацијата на здравствената заштита на Република Македонија.

Проф. Јанкуловски истакна дека овој настан е организиран на највисоко можно ниво и дека ова е сериозен момент на доделување на сертификатите на надворешните оценувачи кои ќе ја играат најважната улога во процесот на акредитација. Тој укажа дека Медицинскиот Факултет ќе го поддржува се што е во служба на подобрување на здравјето.

Поздравен говор одржа и Проф. д-р Елизабета Зисовска, Директор на АКАЗУМ, која го означи отворањето на Првата регионална работилница на тема “Предизвици во процесот на акредитација” и ја надоврза информацијата дека ова е свечен момент на лиценцирање на првата група на надворешни оценувачи. Таа истакна дека курикулумот е акредитиран од Медицинскиот факултет. Проф. Зисовска образложи дека очекува на оваа работилница да се искажат проблемите со кои се соочува Агенцијата во својата работа и дека е добредојдено искуството од истакнатите странски агенции, како што е Accreditation Canada International.

Вториот ден се одвиваше дискусија на тркалезна маса на која се разгледаа детално повеќе прашања од областа на акредитацијата, предности и негативности на двата модела-задолжителна наспроти доброволна акредитација, опфат на примарна или секундарна здравствена заштита. Во тек на исцрпните дискусии директорите на регионалните агенции и другите учесници дојдоа до заклучок дека има многу сличности во системите на здравствена заштита, начинот на размислување на здравствените работници како и здравственото просветување на населението, со минимални разлики и специфики, а целите на процесот на акредитација е ист не само во регионот, туку и на глобално ниво. Како краен продукт на оваа професионално успешна работилница, произлезе Изјавата за разбирање и соработка која ја потпишаа петте директори на регионалните Агенции (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Република Српска и Македонија), и тоа на повеќе полиња.

Работилницата беше оценета како пријатна работна средба на истомисленици, со заедничка цел-подобрување на квалитетот на здравствената заштита на населението во земјите од каде се доаѓа. Поддршка од логистички и технички аспект беше понудена од страна на меѓународната Агенција за акредитација на Канада, кои имаат многу успешна соработка со земјите од Европската Унија.



Агенција за квалитет и акредитација на здравствени установи

 

Улица: Гоце Делчев бр.8, зграда МТВ, спрат 13

Телефонски број: 02/312-0939 

                          

Документи

Услуги

Акредитација

Copyright © 2015 akazum.gov.mk

 

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат

без посебна дозвола со наведување на изворот.

Book | by Dr. Radut