Јавен повик за изразување на интерес

02/22/2023 - 16:00

Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, согласно член 242 од Законот за здравствената заштита, има надлежност за утврдување на стандарди за акредитација на здравствени установи.
Изминатиот период, преку работна група составена од претставници на Агенцијата и претставници од релевантни чинители на здравствениот систем во Република Северна Македонија, Агенцијата работеше на изработка на стандарди за акредитација на стоматолошки ординации.

 

Стандардите се изработени во согласност со европската и меѓународната практика од оваа област на здравствената дејност и ниво на здравствена заштита, имајќи ја предвид нормативната уреденост на вршењето на оваа дејност во позитивната правна регулатива во Северна Македонија, стручните упатства за медицина заснована на докази кои согласно со современата светска медицинска практика се применуваат во нашата земја и искуствата од непосредната практична работа во вршењето на овие дејности.

Согласно методологијата за изработка и развој на стандарди, Агенцијата во наредниот период планира тест-имплементација на стандардите, така што работната верзија на изработените стандарди за акредитација ќе се пилотира во одреден број ординации.

Агенцијата ги поканува сите заинтересирани здравствени установи стоматолошки ординации да се пријават и достават писмо за интерес до Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.
Согласно расположливите капацитети и доставените пријави за интерес, Агенцијата ќе го организира и распореди процесот по соодветни географски подрачја и дејности, во урбани и рурални средини, во ординации што работат во сопствен простор и во простор издаден под закуп од јавна здравствена установа, во мрежата и надвор од мрежата на здравствени установи, при што рамномерно да бидат опфатени доволен број ординации по овие различни аспекти од нивното работење.

Целта на тест-имплементацијата на стандардите е да се добијат квалитетни, соодветни и применливи стандарди за акредитација на стоматолошките ординации.


За пријавување на јавниот повик потребно е да се достави Писмо за интерес, кое треба да содржи:

  • назив на стоматолошката ординација;
  • седиште на ординацијата;
  • седиште на ординацијата во која се предлага да се спроведе тест- имплементацијата (ако е различно од седиштето на установата и ако во состав на установата има повеќе ординации);
  • контакт-телефон на овластениот претставник на стоматолошката ординација;
  • адреса на електронска пошта на приватната здравствена установа.

 

Пријавата може да се достави во писмена форма до Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи ,бул. Гоце Делчев бр. 18, зграда МТ, 13 кат, поштенски фах 115, 1000 Скопје или во електронска форма на следнава адреса: akazum@zdravstvo.gov.mk, најдоцна до 15. 03. 2023 година, со назнака: ЈАВЕН ПОВИК за изразување интерес за учество во тест-имплементација на стандарди за акредитација на стоматолошки ординации.

 

Контакт-лица:

Тодор Шапов
todor.shapov@zdravstvo.gov.mk
тел + 389 75 23 78 60